Институтот за развој на заедницата (ИРЗ) ја реализира психосоцијалната поддршка како суштински дел од проектот, со фокус на млади кои се соочуваат со стрес, анксиозност, ниска самодоверба, семејни притисоци и други предизвици што го отежнуваат нивното вклучување на пазарот на труд. Преку индивидуални и групни сесии спроведени од психолози, психотерапевти и обучени советници, младите добиваа простор да зборуваат за своите тешкотии, да научат техники за справување и да ги зајакнат своите лични и социјални вештини.
Во индивидуалната работа, акцентот беше ставен на препознавање на емоциите, намалување на стравот од неуспех и чувството на срам поради невработеност или финансиски тешкотии, како и на градење реални цели и здрави навики во секојдневието. Во рамките на сесиите, младите вежбаа самопрезентација, комуникација и техники за релаксација, што им помогна полесно да се соочат со интервјуа за работа и нови работни средини.
Групните активности пак создадоа чувство на заедништво и меѓусебна поддршка, каде што учесниците гледаа дека не се сами во своите предизвици и заедно бараа решенија. Овој пристап ја зајакна социјалната кохезија, довербата и мотивацијата кај младите да продолжат да се развиваат и активно да бараат можности за вработување, обуки или пракси.
Поради позитивните ефекти и видливите промени кај младите, интересот за вклучување во ваков тип поддршка континуирано расте и сè поголем број млади се пријавуваат и бараат помош. Сепак, со завршувањето на тековниот проект, ИРЗ се соочува со недостиг на финансиски средства за да одговори на сите барања, па токму обезбедувањето нови извори на финансирање и нови проекти е главен фокус во моментот, со цел и овие млади да добијат соодветна психосоцијална поддршка и шанса за подобро позиционирање на пазарот на трудот.
