Во рамки на Балканскиот караван беше одржан Граѓански дијалог на тема „Предизвици на давателите на социјални услуги и можни решенија“, на кој учествуваа 40 учесници од јавните институции, граѓанските организации и регионот.
Модератор на настанот беше Оливера Цветковска, психолог и специјалист за развој на капацитети, која заедно со учесниците ги отвори клучните прашања поврзани со социјалната заштита, меѓу кои слабата институционална соработка, недостигот од стручен кадар и ресурси, недостатокот од засолништа и дневни центри, како и ограничените превентивни услуги за ранливите категории.
Присутните дискутираа и за предизвиците со лиценцирањето на стручниот кадар, економската одржливост на давателите на услуги и празнините во системот за заштита на жртвите на семејно насилство, трговија со луѓе и младите во ризик.
Претставници од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Албанија ги споделија своите искуства, при што беше нагласена потребата од посилна превенција и унапредена регионална соработка.
Граѓанскиот дијалог заврши со повик за почесто организирање на вакви настани, особено на регионално ниво, со цел размена на добри практики и зајакнување на системите за социјална заштита.
